ФМП се загуби во Кавадарци – втора победа во низа на Еуро Никел

Еуро Никел стигна во втората победа во низа откако во 15. коло од Првата лига славеше над Академија ФМП со 86-74. Клучна за победата и новите два бода беше третата четвртина во која гостите од главниот град за седум и пол минути постигнаа само два поени, а искусните домаќини знаеја да го искористат постот за стекнување на висока предност од која „академиците“ не успеаја да се вратат и покрај налетот во последните десет минути.

Отварањето на средбата им припадна на гостите од Скопје кои благодарние на речиси перфектната реализација од поле поведоа со 5-10, но предноста не успеаја да ја задржат. Еуро Никел ја зацврсти одбраната, влезе и во ритам во нападот па до крајот на првата четвртина успеа и да поведе со 24-22. Добриот моментум на домаќините продолжи и во втората четвртина при што предноста во еден момент се искачи на +9 (37-28), но навремено одговорија и гостите. Добриот проток на топката носеше лесни обиди за Академија ФМП па преку Ајви, Стојановски и Бакоч скопскиот тим ја врати резултатската неизвеност на полувремето (43-40).

На почетокот на вторите 20. минути, добрата заштита на рекетот ги промора гостите на обиди од далечина, а реализацијата не беше во полза на избраниците на Петровиќ. Постот проследен со само два поени за седум и пол минути одлично го искористи вицешампионот кој одигра одлично во рекетот, погоди и зад линијата 6,75 па предноста се искачи на највисоките +22 (64-42). А, за истата да не изнесува и повеќе од 20 поени по 30. минути игра се погрижи Ајви кој на 24 секунди пред крајот на третата четвртина погоди за 66-47. Поените на Американецот дадоа надеж за „академиците“ кои не се предадоа. Користејќи ги изгубените топки на Еуро Никел, Академија ФМП експресно успеа да ја стопи високата негатива па во 34. минута стигна и до едноцифрена негатива (66-56), но искусните кошаркари на Самарџиев одговорија кога требаше. Димчевски и Соколов погодија важни обиди за три поени со кои предноста повторно стана двоцифрена за мирен финиш на мечот.

Најрасположен кај Еуро Никел беше Ивица Димчевски кој имаше свое шутерско шоу со 7/10 во реализацијата за три поени, завршувајќи го натпреварот со 23 поени на кои додаде и 7 скока. Него го следеше Кирил Николовски со 14 поени и 6 скока. Кај гостите блесна Бре Ајви со 31 поен и 7 скока, додека со 16 поени мечот го заврши Кошанин.

Се вчитува...