Фотогалерија: Војдан држеше час по кошарка против Работнички

МЗТ Скопје е првиот финалист во кошаркарскиот Куп на Македонија, откако аеродромци славеа во вечното дерби со Работнички со 81-76. Како и многу пати во претходните две години, кога беше најважно блесна Војдан Стојановски, капитенот на македонската репрезентација одигра уште еден маестрален меч во кој им одржа лекција на помладите колеги од таборот на Работнички.

Војдан го заврши мечот со 18 поени, осум асистенции, четири скока и шест украдени топки, но неговото значење е многу повеќе од овие бројки. Секогаш кога тој ќе излезеше од игра, ритамот на „металците“ опаѓаше, а со искусниот ас на теренот МЗТ делуваше како друга, далеку посигурна екипа на теренот.

Нема сомнеж дека Војдан ќе биде главен адут на актуелниот првак до крајот на сезонава, бидејќи кога тој е во ритам, игра целиот тим на МЗТ и аеродромци тогаш се незапирливи. На своја кожа тоа во ланското финале го почувствува Пелистер, а денеска во куп-полуфиналето и Работнички, двата тима кои и сезонава ќе бидат главни ривали на МЗТ во битките за трофеите.

Се вчитува...