Фудбал, ракомет, кошарка… Ќе има ли повторно спорт во Македонија сезонава?

Целокупниот македонски спорт е стопиран како дел од борбата против ширење на коронавирусот, минаа петнаесетина дена откако беше одигран последниот натпревар, а според развојот на ситуацијата јасно е дека спортот ќе остане „на чекање“ најмалку до месец мај. Во една таква ситуација, на одговорните федерации е да донесат одлука дали да се чека за евентуално продолжување на сезоната кога ќе бидат создадени услови за такво нешто, или пак предвреме да се прекине шампионатот, со именување на прваци или објавување на крај на сезона без шампион.

Кога станува збор за фудбалот, тука ситуацијата низ цела Европа ја диктира УЕФА. А ставот на европската куќа на фудбалот е дека сезоните треба да се довршат, со надеж дека нивното продолжение може да се случи во текот на месец мај. Во најдобар случај сезоните би се финиширале до крајот на месец јуни, а можно е дополнително одлагање, за што УЕФА е подготвена и да го одложи стартот од квалификациите за европските купови за сезоната 2020/21. Вардар е убедливо на чело во Првата лига со 46 бода, пред Силекс со 36 и Шкендија со 35 бода на своето салдо.

Раководството на КФСМ предводено од Перо Антиќ се пофали со конференциски состанок со сите клубови, најави конечна одлука во најскоро време, но оттогаш сме сведоци на молк од „куќата на кошарката“ во нашата земја. Ставот на сите е идентичен, да биде прогласен крај на сезоната, но „копјата“ се кршат околу тоа дали да биде прогласен МЗТ Скопје за шампион, или сезоната да се поништи без да биде именуван првак. Меѓу другото, проблем во ситуацијата е и ваучер-системот, шампионот по автоматизам ќе добие поголем ваучер за следната сезона, па јасно е зошто „металците“ не се откажуваат од трофејот што според нив им припаѓа поради моментниот изглед на табелата, тимот од Аеродром има 31 бод, пред Работнички и Гостивар со по 29, зад нив Кожув и Еуроникел со по 28…

Ракометната Федерација на Македонија пред неколку дена објави одложување на сите настани во овој спорт на неодредено време. РФМ има сериозен проблем, доколку се прогласи крај, како во генералниот пласман би биле вклучени Вардар и Пелистер, два клуба кои не одиграле ниту еден единствен натпревар на домашната сцена сезонава. Како евентуално решение се најавува „завршен турнир“ по примерот на Суперглоуб, шест екипи би разигрувале за титулата. Сепак, проблем е што не се знае до кога ќе трае паузата, клубовите веќе најавуваат редуцирана исплата, што може да придонесе до заминување на дел од играчите, а со тоа и сериозно влијание врз конечниот исход на табелата.

Се вчитува...