Фудбалерките против првиот фаворит Англија ги почнуваат квалификациите за СП 2023

Женската фудбалска репрезентација на Македонија вечерва на „Сент Мери“ во Саутемптон против Англија ќе ги отвори квалификациите за Светското првенство 2023. Избраничките на Кирил Изов ќе се обидат на најдобар можен начин да се претстават кај големиот фаворит.

Капитенот на женската А репрезентација на Македонија и член на шпански Леванте, Наташа Андонова вели дека Англија е голем фаворит, но дека треба да учиме од секој меч.

„Селекцијата на Англија е апсолутен фаворит во групата, ќе биде многу тешко да се игра против нив. Мислам дека не треба да очекуваме некакво чудо во овие квалификации, треба само да продолжиме напорно да работиме и да ги слушаме советите од нашиот селектор. Објективен проблем претставува фактот што во овој состав на Македонија има фудбалерки претежно од домашното првенство кои немаат големо маѓународно искуство за разлика од другите селекции. Работевме напорно овие неколку дена, имаме одлична комуникација со селекторот, позитивни сме, владее одлична атмосфера и ќе пробаме сето тоа да го искористиме за што подобро да одиграме на овие два натпревари“, изјави Андонова. 

Натпреварот против Англија е со почеток во 20 часот.

Се вчитува...