Гатузо: Јас сум куче што лае, а не каса, но ако залае Михајловиќ…

Заедничката фотографија на Синиша Михајловиќ и Џенаро Гатузо пред вчерашниот дуел Болоња – Наполи ги освои симпатиите на целокупната италијанска спортска јавност. Станува збор за двајца родени победници со исклучителни човечки квалитети, а Гатузо на прес-конференцијата по мечот одговори и на прашањето: Кој е поопасен, дали тој или Михајловиќ.

„Синиша е поопасен од мене. Јас лајам, но не касам. Но ако Синиша залае, тогаш треба да внимавате“, со насмевка прокоментира Џенаро Гатузо.

Меѓусебниот дуел заврши без победник, 1-1, а тренерот на Наполи беше разочаран од падот во играта на неговиот тим во второто полувреме.

„Ние како да не игравме фудбал во второто полувреме. Не сакам да слушнам за немотивација, тоа никогаш не смее да биде изговор. На другата страна, Болоња даде се од себе во текот на 90-те минути, тоа е начинот на кој работи Михајловиќ. Домаќините заслужено избегнаа пораз“, истакна стратегот на „наполитанците“.

Се вчитува...