Македонскиот третолигаш Слога Виница е на добар пат да ги надмине финансиските проблеми со кои се соочуваше откако денеска доби нов стабилен спонзор. Станува збор за турска компанија предводена од Енес Уста, која е сопственик на прволигашот Гостивар.
Според информациите кои доаѓаат од Виница, начелно е договорена и соработка со фудбалскиот клуб Гостивар со цел експресно враќање на клубот во Втората македонска фудбалска лига, откако Слога лани испадна од второлигашкото друштво.
„Почитувана фудбалска јавност, почитувани спортски медиуми и новинари, навивачи и симпатизери на ФК Слога 1934 Виница. Ни претставува огромна чест и задоволство да Ве информираме дека после неколку месечни преговори од страна на нашиот претседател Дејан Михајлов и Сашко Митев член на советот на општина Виница, помогнати од градоначалникот на општината Миле Петков и членовите на Турската заедница во Виница, фудбалскиот клуб Слога 1934 Виница добива нов и стабилен спонзор во името на турската компанија која ја води Енес Уста, сопственикот на ФК Гостивар. Договорена е соработка со ФК Гостивар со цел експресно враќање на клубот во Втората македонска фудбалска лига. Со ова се отвара ново поглавје во фудбалскиот клуб но и во спортот во Виница. Во периодот што следува ќе бидат подготвени и потпишани сите потребни документи, за што дополнително ќе бидете известени, како и за сите новости во клубот. Фудбалскиот клуб се заблагодарува на навивачите и симпатизерите за нивната голема поддршка и вербата во луѓето кои го водат клубот.“
Слога по шест одигани кола во Третата лига – Исток има осум бода и се наоѓа на четвртото место на табелата, со шест бода заостанување зад лидерот Вардарски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА