Ѓоргиевска: Горда сум кога гледам дека женскиот ракомет се враќа на сцена

Македонската женска репрезентација лесно ја мина квалификациската група и обезбеди бараж за пласман на Светско првенство.

По трите победи во Скопје, над Азербејџан, Исланд и Турција, на убедлив начин освоено е првото место во групата. Токму овие игри изминативе денови носат надеж за враќање на македонскиот женски ракомет и на големата светска сцена.

Капитенот Елена Ѓоргиевска потенцира дека и самите девојки во репрезентативните редови чувствуваат некоја нова енергија која без сомнение може да значи вистински пат за враќање на репрезентативниот женски ракомет на старите патеки.

„Секако задоволни сме од начинот на кој ги одигравме овие квалификации. Презадоволни не сме затоа што секогаш имаме мотив за повеќе. Но, може да кажам дека одиме навистина чекор по чекор се подобро со играта на репрезентацијата. Атмосферата е одлична и тоа се чувствува на терен. И сето тоа треба да не однесе кон крајната цел, а тоа е пласман на Светско првенство“ – вели Ѓоргиевска и дополнува:

„Горда сум затоа што гледам дека женскиот ракомет има едно растечка линија. Чувствуваме дека женскиот репрезентативен ракомет се враќа на старите патеки . Среќна сум што сите заедно со девојките покажуваме дека вредиме, и дека веќе имаме сили и квалитет да се вратиме на големата европска сцена. Имаме се поголемо искуство, и функционираме како тим. Во оваа селекција не е важен поединецот туку колективот. Се надевам дека и на двата бараж натпревари ќе функционираме на ист начин и ќе дојдеме до сонот – пласман на СП“.

Се вчитува...