Гибралтарците и со фудбалер на Блекбурн против Македонија

Репрезентацијата на Гибралтар е најголемиот аутсајдер во Групата 4 од Ц-лига во Лигата на нации во која Македонија, Бугарија и Грузија ќе бараат своја шанса за освојување на првото место и можност за битка за пласман на ЕВРО 2024.

Но, тоа апсолутно не значи дека Гибралтарците се противник за максимално потценување. Напротив, податокот дека во своите редовите имаат и фудбалери кои настапуваат на Островот повеќе од доволно зборува дека може да бидат незгоден противник, посебно кога играат на домашен терен. Малиот стадион во Гибралтар со терен со вештачка трева изминативе години носел повеќе од сериозни проблеми за сите противници.

За дуелот во недела против Македонија, и покрај тоа што поголемиот дел од репрезентативците им се од најдобриот домашен клуб Линколн, Гибралтарците ќе бидат и со фудбалер на англискиот чемпионшиплигаш Блекбурн, младиот дефанзивец Луи Енесли кој изминатава сезона настапуваше како позајмен фудбалер во Вокинг. На голот е и 25-годишниот Дејли Колинг кој настапува за Гленторан во Северна Ирска, а во средниот ред е и Николас Поцо кој игра за шпанскиот Балон Кадиз.

Во секој случај, Македонија јасно ја носи фаворитската улога на утрешниот дуел против Гибралтар, кој во првото коло загуби на гостувањето од Грузија со убедливи 4-0.

Се вчитува...