Гичевска: Ни недостасуваше репрезентацијата, носиме силен мотив за пласман во баражот за место на СП

Женската сениорска репрезентација викендов ја очекува квалификацискиот турнир за пласман во баражот за СП во Шпанија. Македонија е во групата со Исланд, Грција и Литванија а најдобрите две селекции ќе обезбедат место во баражот за пласман на Мундијалот.

Левиот бек на националниот тим, Леонида Гичевска, ракометарка на француски Пузен, верува дека Македонија има сили и квалитет за место во баражот.

„Сите спортисти минавме и минуваме низ еден тежок период со пандемијата на коронавирусот. Имавме голема пауза и тренинзи, ни недостасуваше и репрезентацијата затоа што секогаш посебно е чувството да играш за националниот тим. Со нетрпение го очекувавме и овој собир. Тимот ни е комбинација на искуство и младост, добро ги анализиравме противниците и верувам дека можеме да дојдеме најмалку до сигурни две победи и место во баражот. Играме и дома и сигурно треба да го искористиме и тој момент, но мора да одиграме максимално на секој натпревар, исполнувајќи ги задачите од стручниот штаб како единствен начин за доаѓање до целта“ – вели Гичевска.

Македонија првиот натпревар го игра против Исланд на 19. март од 12 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Се вчитува...