Главчев: ФМП го краси тимската хемија и тоа што на секој натпревар го даваме максимумот

Богатиот кошаркарски викенд ни донесе возбудливи прволигашки натпревари, а еден од нив беше одигран во Кисела Вода каде „пантерите“ повторно успеаа да направат големо изненадување и да го одбранат домашниот терен од нашиот најтрофеен клуб, Работнички. „Невена Георгиевска – Дуња“ е адут на Академија ФМП оваа сезона каде покрај „центарци“, со наведнати глави си заминаа и Гостивар, Куманово и ТФТ, а едиствениот пораз беше забележан од лидерот на табелата, Пелистер.

Избраниците на Александар Петровиќ одиграа одлично од првата до последната минута, ја контролираа средбата речиси четириесет минути, ја „смирија“ топката во самиот финиш и сосема заслужено стигнаа до двата бода кои се петти за „академиците“ оваа сезона.

„Пред се’ пресудно за нашата победа беше нашето залагање и желба, трениравме одлично во изминатиот период и бевме свесни дека можеме да победиме. Тоа што игравме против Работнички не ни носеше посебна мотивација, зошто како и на секоја средба, така и на оваа, ние го даваме нашиот максимум, а овој пат тоа резултираше со победа. Имаме одлична тимска хемија и тоа е најбитното во овој момент“ – изјави капитенот на „пантерите“, Горан Главчев.

По овој тирумф, „академците“ се наоѓаат на втората позиција на табелата со скор 5-3 и се на добар пат за пласман во Суперлигата, но и покрај добрата форма од таборот на тимот од Кисела Вода апелираат на претпазливост, сезоната е долга и неизвесна.

„Се уште е многу рано да се зборува за Суперлигата, бидејќи не е комплетиран ниту првиот круг на натпревари. Сезоната е долга и одиме натпревар по натпревар“ – додава бекот на Акадмија ФМП.

Се вчитува...