Главоболки на селекторот Флик пред Македонија

Германскиот селектор Ханси Флик утре ќе го објави списокот на фудбалери за претстојните квалификациски натпревари со Романија (8 октомври) и со селекцијата на Македонија, меч закажан за 11 октомври во Скопје.

Германците ќе бидат желни за одмазда по шокантниот пораз од нашиот национален тим во Дуизбург, а Флик ќе биде приморан на неколку промени по повредите на репрезентативците во изминатиот период.

Стартниот лев бек Робин Госенс заработи незгодна повреда на коленото на вчерашниот меч меѓу Аталанта и Јанг Бојс, по што офанзивниот бек нема да може да настапи во Скопје. Покрај него во тимот ќе го нема ниту Гундоган, кој исто така беше најавуван како сигурен стартер, како и Дахуд од Борусија Дортмунд, кој ќе го пропушти октомврискиот репрезентативен собир.

Германските медиуми најавуваат и дека Флик нема да го повика Матс Хумелс од Борусија Дортмунд, откако тандемот Рудигер – Зуле функционираше беспрекорно во септемврискиот циклус.

Се вчитува...