Годинашниот Охридски пливачки маратон без поддршка од Град Охрид и претседателот Иванов

Се е подготвено за 32-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој утре точно на пладне стартува во Свети Наум. Како што информираа организаторите на маратонот на денешната прес-конференција во Охрид пријавени се вкупно 30 пливач(к)и на патеката долга 25 километри од Свети Наум до Охрид. Меѓу нив Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев кои ќе ја бранат честа на Македонија. Наградниот фонд изнесува 15.000 долари. Ова е трета трка во серијата на 25 километри, а водечки во генералниот пласман е италијанскиот пливач, Едуардо Стокино.

Маратонот за првпат ќе се плива на 25 километри а се со цел да се најде во програмата на светската, европската и олимписката пливачка елита.

„Промената на должината на патеката доаѓа само по себе. Како Пливачката федерација на Македонија (ПФМ)  ги следиме сите правила и официјални дисциплини на ФИНА за кои што можеме да зборуваме на европско, светско и олимписко ниво. Без трка на 25 километри не можеме да разгораваме за доаѓање на светската пливачка елита или организирање на светски настан од вакви размери. Мора јавноста да знае дека овој маратон го организираме ние како ПФМ со помош на неколку ентузијасти и вљубеници во пливањето. Ниту Општина Охрид, ниту држава прв пат од оваа година не застана позади организираторот иако согласно законот тоа мора да се случи. За претходно нема да зборувам и не ме интересира, јас сум фокусиран на денес, утре и понатаму“  – истакна претседателот на ПФМ, Александар Маленко потенцирајќи дека годинава маратонот нема помош од градот Охрид и Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов.

На стартот во Свети Наум ќе се најдат и тројцата најдобри пливачи од минатата година. Минатогодишниот триумф ќе го брани Германецот Александар Стуџински, додека кај девојките Барбара Позобон од Италија.

„Имаме бројка на пливачи кои одамна ја немал Охридскиот пливачки маратон. И покрај внатрешните проблеми во ПФМ се потрудивме да викнеме што поголем број на учесници. Следната година, прво ќе треба да се обединиме и сите заедно да работиме на доброто н маратонот кој заслужува уште повеќе учесници и поголема конкуренција. Ова 32-то издание ќе биде едно од најдобрите, бидејќи дел од маратонот ќе бидат трите првопласирани во машка конкуренција и првите маратонки во женска категорија. Исто така годинава ги имаме унгарските пливачи и редовните учесници од Аргентина“истакна Томи Стефаноски.

ФОТО: www.ohrindews.com.mk

Се вчитува...