Виктор Ѓокереш е најновото голгетерско име што се поврзува со Барселона откако шведскиот ас самиот изразил желба да се пресели на „Камп ноу“ до крајот на овој преоден рок.
Швеѓанецот дојде како суперзасилување за Арсенал минатото лето, „топчиите“ на крајот стигнаа до титулата, но екс-голгетерот на Спортинг Лисабон прикажуваше игри далеку под очекувањата. Згора на тоа, Хаверц се врати по повредата и сега е прва опција во нападот кај Микел Артета, што придонесе самиот Ѓокереш да почне да размислува за заминување по само една година мината на „Емирати“.
Агентот на Ѓокереш веќе имал први разговори со раководството на Барселона, јасно ставајќи до знаење дека шведскиот голгетер без размислување би се преселил во редовите на шпанскиот првак. Каталонците очајнички се во потрага по наследник на Левандовски, опцијата Хулијан Алварез пропадна, а се чини дека немаат шанса ниту за Лаутаро Мартинез од Интер.
Ѓокереш со настапите за Спортинг важеше за еден од најдобрите класични напаѓачи во европскиот фудбал, па челниците на Барса се заинтересирани, но прашање е дали ќе може да се најде заеднички јазик со Арсенал. Се шпекулира за почетна понуда од 60 милиони евра, но многу поважно е дали „топчиите“ во меѓувреме ќе донесат уште еден напаѓач, бидејќи е преризично целиот товар да падне на Хаверц кој во последните сезони се покажа склон на повреди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
