Ѓоко Хаџиевски емотивно се збогува од големиот пријател Драган Вучиќ

Поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски, кој во моментот е во ОАЕ, на социјалните мрежи емотивно се збогуваше со големиот пријател, познатиот пејач и телевизиски водител Драган Вучиќ. Тој ја загуби битката со вирусот Covid-19 и почина на Инфективната клиника, по осумдневно лекување.

„Почивај во мир Драгче, 40 години заедно нашите две фамилии се една ……утрово веста ме стресе, не очекував дека ова зло ќе удри по тебе, шок …..како ќе биде без тебе …….ќе се турка, но никогаш повеке нема да е исто како порано. Сите наши успеси ги прославуваме заедно ….победите мои и победите твои ….„Свирете ја зајди зајди“ во Штип и победата на Мартин на Евровизија ……Нема твоја емисија во која не сум бил твој гостин.

Нема да те заборавам …..е фраза, ти заслужуваш другарска љубов додека сум жив. Ти благодарам за секоја минута помината со тебе.

Мартин, Сања и Весна ве сакам многу, длабоко сочувство од моето срце до вас“, напиша Ѓоко Хаџиевски на социјалните мрежи.

Погребот на Драган Вучиќ, познатиот пејач, водител и телевизиско лице, кој денеска ја изгуби битката со корона вирусот ќе биде извршен утре, во 13 часот, на Градските гробишта, информираат од неговото семејство.

Неговото тело од 12 до 13 часот ќе биде изложено во капелата на градските гробишта.

Од семејството додаваат дека ќе бидат испочитувани сите заштитни мерки и препораки поврзани со пандемијата со корона вирусот.

Се вчитува...