Маџари пишува историја…. Тодоровиќ: Финалето нека стане реалност

Маџари игра сезона од соништата откако во својата прва година како дел од елитното друштво скопскиот суперлигаш најпрвин влезе во Топ 6, а потоа и во полуфиналето од плејофот. А кошаркарите на Маџари не планираат да застанат таму, во првиот меч од доигрувањето како гости го изненадија ТФТ, па вечерва имаат шанса од 21 часот во салата во својата населба да прослават и историско финале во мак-баскетот.

Миодраг Тодоровиќ е меѓу најзаслужните за оваа „бајка“ што ја живее Маџари сезонава, младиот стратег успеа да го извлече максимумот од својот тим, да ја темпира формата на вистински начин, за Маџари да игра најдобро токму во клучниот дел од сезоната.

„Подготвени сме за големиот предизвик. Фактот дека победа носи и финале носи своевиден притисок, но желбата за успех и за нова радост се поголеми од било што друго. Знаеме дека цела населба живее со клубот, ја чувствуваме поддршката на луѓето околу нас и ќе дадеме се за оваа бајка да продолжи. Сон ни беше да влеземе во Топ 6, тоа се оствари, потоа и да стигнеме до полуфиналето. Сега сонуваме финале, блиску сме, па и овој сон нека стане реалност. Знаеме дека ќе имаме голема помош од трибините, а ние на терен ќе сториме се за да победиме и на крајот сите заедно да се радуваме“, вели Тодоровиќ.

Задачата секако нема да биде лесна, без оглед на слабата форма на ТФТ и фактот дека овој тим нанижа пет порази, пред се поради пеколниот распоред на паралелни настапи во АБА-лигата и во домашното првенство.

„ТФТ е ривал што го почитувваме, екипа што неслучајно беше првопласирана во пресрет на ова полуфинале. Сепак, мисам дека вистинскиот пристап е да се насочиме само на нашата игра, тоа ни носи успех цела сезона, да играме најдобро што знаеме без оглед кој е противникот на другата страна. Со таква енергија славевме на првиот меч од ова полуфинале, верувам дека тоа може и вечерва да ни го донесе резултатот што сите го посакуваме“, оптимист е Миодраг Тодоровиќ пред клучниот меч.

Се вчитува...