Ѓоковиќ го соопшти планот за спас на тенисот

Новак Ѓоковиќ соопшти план со кој најдобрите светски тенисери треба да се вклучат во помошта за спас на овој спорт, во ситуација кога бројни играчи надвор од Топ 100 се жалат дека не можат да преживеат за време на коронавирусот. Тие поради неучеството на турнири немаат никакви приходи, а воедно немаат ниту спонзорски договори од кои би добивале средства во овој период.

Писмото на Ѓоковиќ беше објавено од страна на новинарот на „Тенис ТВ“, а во него Србинот предлага во иницијативата да се вклучат најдобрите 100 светски тенисери.

„Еве што е предлогот – најдобрите 100 тенисери во сингл и најдобрите 20 во дубл да учествуваат во финансиска поддршка за фондот за послабо пласираните тенисери. Најдобрите пет во светот да донираат по 30.000 долари, од 5. до 10. место да уплатат по 20.000 долари, тенисерите од 11. до 20. позиција да уплатат по 15.000 долари, оние од 21. до 50. место да платат по 10.000 долари, додека играчите од 51. до 100. место ќе уплатат по 5.000 долари во фондот. Најдобрите 20 во дубл исто така ќе донираат по 5.000 долари, а тоталната сума би изнесувала 1.050.000 долари“, се вели во предлогот на Ѓоковиќ.

Се вчитува...