Ѓоковиќ ја најави балканската турнеја: Не ги повикав Федерер и Надал

Специјалната идеја за тениски турнири која е замисла и реализација на првиот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, наречена „Турнеја Адриа“ ќе се одржи од 13.јуни до 5.јули во неколку балкански држави, а гости ќе бидат Александер Зверев, Доминик Тим и Григор Димитров, најави денеска српскиот ас.

„Исклучително сум среќен што ќе играм пред домашната публика и што ќе патувам низ регионот. Имаше малку време за организација на овој настан кој ќе има хуманитарен карактер и сите приходи ќе одат кај хуманитарни организации. Мојата фондација ќе биде една од нив. Светските ѕвезди кое ќе доаѓаат ќе избираат каде ќе одат парите“ – рече Ѓоковиќ на денешната прес конференција во Белград додавајќи дека се надева оти условите ќе дозволат да се игра пред публика.

Според актуелниот план, првиот турнир ќе биде во Белград на 13 и на 14 јуни, потоа следува Задар на 20 и на 21 јуни, настанот потоа се сели во Црна Гора во викендот 27 и 28 јуни, потоа е Бања Лука во првиот викенд од јули, а се планира и одење во Сараево каде Ѓоковиќ би играл егзибициски меч со Дамир Џумхур.

Ѓоковиќ објасни дека немало простор да ги покани Роџер Федерер и Рафаел Надал со оглед дека Швајцарецот уште има проблеми со коленото, а Шпанецот пред извесно време се врати на тренинг. Ѓоковиќ смета дека и да ги поканел немало да прифатат да дојдат.

 

 

Се вчитува...