Ѓоковиќ: Со овие мерки УС Опен е „невозможен“ за тенисерите

Новак Ѓоковиќ смета дека мерките кои се предвидени за тенискиот грен-слем, УС Опен се екстремни и оти поради нив турнирот ќе биде невозможен за играчите. Американскиот грен-слем се очекува да биде првиот турнир по прекинот на тениската сезона поради пандемијата на коронавирусот. Закажан е за август, во редовниот термин. Сепак, за одржување ќе треба и дозвола од властите.

„Разговарав со лидерите на светскиот тенис околу продолжувањето на сезоната, пред се околу УС Опен кој треба да се одржи во втората половина на август. Ако воопшто има дозвола за тоа. Мерките кои ги препорачуваат според мене се екстремни. Со нив турнирот ќе биде невозможен за тенисерите. Не смееме да одиме на Менхетен. Ќе спиеме во хотели на аеродромите, ќе бидеме тестирани два или три пати во една седмица“ – изјави Ѓоковиќ кој во Њујорк триумфираше во 2011, 2015 и во 2018 година.

Како што пренесоа американските медиуми, организаторите на УС Опен имаат строг протокол за одржување на турнирот кој треба да биде без публика. Тенисерите и нивните тимови кои треба да бидат во намален број ќе треба да летаат само со партнерските компании на турнирот од строго одредени градови. Играчите ќе влегуваат во соблекувалните само пред мечевите.

 

 

Се вчитува...