Голема битка и триумф над Грција (20-19)

Женската ракометна репрезентација на Македонија со максимални три победи го заврши претквалификацискиот турнир во Скопје, обезбедувајќи си како првопласирана место во баражот за пласман на СП 2021. По Исланд и Литванија, „црвено-жолтите“ вечерва беа подобри и од Грција, славејќи со минимални 20-19, за трета радост во СЦ „Борис Трајковски“. Фактот дека пласманот во баражот веќе беше осигуран влијаеше да дојде до пад во концентрацијата и мотивацијата кај нашите ракометарки. Сепак, по слабото прво полувреме тие најдоа сили за далеку поквалитетни втори 30 минути со кои Македонија стигна до триумф над јужниот сосед.

Дуелот почна со израмнета игра на двете страни, а кога се очекуваше Македонија да ја преземе контролата, Грчка неочекувано почна да доминира во вториот дел од првото полувреме. Противничките најпрвин поведоа со 6-8, а нешто подоцна и со 8-12, создавајќи му главоболка на селекторот Симовски. Грција имаше и најубедливи 13-8, по што со головите на Стојковска и на Ристовска на одмор се замина со негатива на Македонија од 13-10.

„Црвено-жолтите“ беа подобри на почетокот од второто полувреме, па по негативата од 15-11 постигнаа четири гола во серија и се вратија целосно во натпреварот. Во неизвесна завршница Македонија во неколку наврати имаше „плус два“, но Грција доби шанса за израмнување во последната минута. Сепак, Мицевска маестрално го запре обидот од крило на грчаката ракометарка, за огромна радост и заслужен триумф на Македонија од 20-19.

Покрај голманката Мицевска, најзаслужна за големата победа беше Сара Ристовска со десет постигнати погодоци.

Се вчитува...