Големи проблеми за првиот ривал на Македонија на ЕП

Украина ќе биде значително ослабена на претстојниот европски шампионат во ракомет откако селекторот Сергеј Бебешко потврди дека оваа селекција останала без помошта на двајцата бекови, Сергеј Онуфриенко и Владислав Донцов.

Онуфриенко, кој настапува во Франција, важи за најдобар украински ракометар, додека Донцов од Мотор требаше да биде прва опција во негово отсуство. Сепак, по последниот развој на настаните ниту едниот, ниту пак другиот нема да можат да помогнат на ЕП во Виена.

„Бевме свесни за нивните проблеми со повредите, но се надевавме на чудо. За жал, тоа не се случи. Рехабилитацијата на Онуфриенко течеше многу побавно и тој мораше да остане во Франција. Кај Донцов, третманите од лекарите не го донесоа посакуваниот ефект, па тој ќе мора да замине на операција и да паузира уште извесен период. Веќе нема никакви дилеми, тие двајца отпаѓаат од комбинација за настап на ЕП 2020“ – изјави Бебешко.

Украинскиот селектор на позицијата десен бек дополнително го повика Владислав Залевски од ЗТР, но големи се шансите Украинците на натпреварите да настапуваатсо играч што шутира со десната рака на оваа позиција. Како една од опциите се споменува левиот бек на Е. Пелистер, Остроушко, кој во националниот тим би добил поинаква улога.

Украина е прв ривал на Македонија на ЕП 2020, меч што ќе се игра во Виена на 10 јануари со почеток во 18.15 часот.

Се вчитува...