Големо засилување: Едуарда Аморим во стручниот штаб на Македонија

Стручниот штаб на женската македонска ракометна репрезентација ќе биде значително засилен откако дел од него ќе стане и фантастичната Едуарда Аморим.

Поранешната ракометарка на Кометал ЃП, која потоа изгради блескава кариера во дресот на Ѓер, се збогуваше од ракометот на крајот од минатата сезона, а сега ќе почне да гради тренерска кариера како член на стручниот штаб на селекторот Љубомир Савевски. Кормиларот на националниот тим ќе почне со собири со ракометарките од домашното првенство, се со цел што подобро подготвени да го дочекаме бараж-двомечот со Украина. Присутна на овие собири ќе биде и Аморим, чие искуство дефинитивно ќе биде драгоцено за нашите ракометарки.

Едуарда Аморим е мажена за Македонец, таа можеше да се забележи во Скопје за време на европскиот шампионат за ракомет за жени во нашиот главен град и нема сомнеж дека нејзиното приклучување може да донесе само позитивни работи за нашиот национален тим.

Само за потсетување, станува збор за ракометарка со пет титули европски првак со Ѓер, а Аморим воедно беше избрана за најдобра светска ракометарка според ИХФ за 2014 година и за најдобра ракометарка во Европа за 2019 година во изборот на ЕХФ.

Се вчитува...