Голот на Панчев против Баерн, школски пример за контранапад (видео)

Дарко Панчев беше вистинска напаст за противничките дефанзивци додека ги бранеше боите на Црвена Звезда, постигнувајќи бројни погодоци за радост на „црвено-белите“ во походот кон европската титула.

Незаборавен е неговиот последен пенал во рулетот во Бари, за освојувањето на европската круна во финалето против Олимпик Марсеј, но дел од фудбалската јавност деновиве се потсети и на погодокот што Панчев го постигна во полуфиналето од Купот на Европските Шампиони, на гостувањето против Баерн Минхен.

Темата е – перфектно реализиран контранапад, нешто Црвена Звезда во оваа акција го одработе до перфекција, по преземањето на поседот Маровиќ му додаде на Радиновиќ, кој го пронајде Просинечки. Големиот ас повлече контранапад и одигра извонредно додавање на противничката половина кон Биниќ. Брзоногиот крилен фудбалер беше мајстор за центаршутеви, тоа го докажа и наоѓајќи го Панчев на вториот дирек, а Македонецот во манир на голем стрелец рутински ја смести топката во мрежата.

Се вчитува...