Ѓорѓи Ѓоргиев во дрим-тимот на француското првенство

Македонскиот одбојкар Ѓорѓи Ѓоргиев игра во животна форма, предводејќи го тимот на Париз до титулата во силната француска лига. Одличните настапи на Ѓоргиев придонесоа македонскиот ас да биде избран и во „дрим-тимот“ на сезоната во францускиот одбојкарски шампионат, каде тој е избран за најдобар техничар во лигата.

Нема сомнеж дека Ѓоргиев ќе биде меѓу главните адути на македонската репрезентација и на претстојното Европско првенство во Словенија, на кое „спартанците“ ќе дебитираат на едно големо натпреварување на репрезентативен план. За потсетување, Македонија е дел од групата Ц што ќе се игра во Љубљана, каде нашите одбојкари за ривали ќе ги имаат домаќинот Словенија, европскиот првак Русија, како и селекциите на Финска, Турција и Белорусија.

Се вчитува...