Ѓоргиевска: Со добра тимска игра може да се случи чудо против Шведска

Капитенот на женската ракометна репрезентација на Македонија, Елена Ѓоргиевска оптимистички гледа на престојниот бараж со Шведска за СП 20017. Го истакнува напредокот кај младите ракометарки во составот и враќањето на Мирјета Бајрамовска како дополнителен плус за македонската репрезентација во претстојните натпревари. Верува дека женската репрезентација и покрај сите падови во изминативе години, сепак е на добар пат и еден ден повторно ќе се врати на големите натпреварувања.

„Враќањето на Бајрамовска ќе биде многу поголем плус за нас во нападот. Знаеме дека Мирче е ракометарка со големо искуство и на клупски план и во репрезентација и сето тоа ќе ни донесе една поголема сигурност и квалитет во играта на нашата репрезентација. Искрено, има многу голема, позитивна промена кај многу од помладите репрезентативки што е одлично за нас и мене многу ме радува. Иако не сум со нив кога доаѓам на собири и настапи со репрезентацијата, најдобро можам да ја видам таа промена. Има многу добар напредок кај девојките. И се надевам дека тоа ќе се покаже и на терен“ – вели Елена Ѓоргиевска.

rep.rakomet zeni-mkd.30.05 (4)

Шведска е фаворит во претстојните бараж дуели, но Ѓоргиевска верува дека со добра тимска игра ништо не е невозможно. А, токму таа аутсајдерска улога може да биде и предност за макеоднската репрезентација.

Се надевам дека ќе дојде и тој ден и ќе се оствари тоа што сите го посакуваме. Знаеме дека Шведска е велесила. Нормално, дека нема да се предадеме. Во ракометот најважна е колективната игра. Ако бидеме сложни, ако одиграме тимски и ако секоја го даде својот максимум, мислам дека може да се случи секакво чудо, дури и против Шведска. Се е до нас и до нашиот пристап во играта. Секој може да не потцени, тоа го очекувам и од Шведска, бидејќи никој не видел дека сме направиле некој поголем успех во изминативе неколку години. Но, тоа може да биде еден плус за нас. И како што добивме помош од Душица Ѓоргиевска на квалификациите на Фарски острови, сега може Бајрамовска ќе ни донесе еден нов импулс“ – верува капитенот на македонската репрезентација.

rep.rakomet zeni-mkd.30.05 (17)

Како дел од подготовките пред баражот со Шведска, македонските ракометарки деновиве настапуваат на турнирот во Анталија на кој ќе одиграат три натпревари. На стартот од турнирот беа поразени од Русија (35-29), вториот натпревар го играат денеска против селекцијата на Литванија, а утре ги очекува дуелот со домаќинот Турција.

Добро е што ги имаме овие три натпревари во Анталија. Тоа ќе биде голем плус за нас во подготовките пред баражот. Напорно ќе биде бидејќи времето е кратко со многу натпревари и тренинзи, но знаеме дека е крај на сезоната и сите мора да го дадеме својот максимум. Ова ќе биде многу добра проверка за нас. Едно се само тренинзи, а друго е кога имаш и натпревар да видиш како тоа што го работиме функционира во игра. Оптимист сум, верувам дека добро ќе се подготвиме и дека ќе направиме едно големо изненадување на 10 јуни во „Кале“, а може да радуваме и на враќањето од Шведска, зошто да не“ – оптимистички најавува Елена Ѓоргиевска.

На 10 јуни во СРЦ „Кале“ во Скопје, Македонија го игра првиот натпревар од баражот за СП 2017 против Шведска. Реваншот е на 13 јуни во Истад. Поуспешната репрезентација од овој двомеч обебзедува пласман на СП 2017 во Германија.

Се вчитува...