Гостивар демолиран: Пелистер со стил стави печат на првото место пред Супер-лигата

Пелистер продолжува со одличните игри на домашната сцена, откако битолчани го растурија на гостински терен составот на Гостивар (64-81), осигурувајќи си го првото место пред Супер-лигата на едно коло пред крајот на регуларниот дел од сезоната. Битолчани си ја вратија самодовербата по камбекот на Марјан Илиевски на кормилото, вечерва одиграа беспрекорен меч и заслужено го зедоа скалпот на незгодниот противник.

Дуелот беше израмнет само во првите четири минути, кога Гостивар поведе со 8-6, но следеа десет поени во низа на гостите, кои си создадоа удобна предност, завршувајќи ја првата четвртина со водство од 14-20. „Пелистерци“ првото двоцифрено водство го имаа во втората четвртина со слободните фрлања на Кесар (16-26), рутински одржувајќи ја ваквата предност до крајот на полувремето (30-42 со забивањето на Ѓуроски).

Американецот Гетлинг, кој денеска дебитираше за Гостивар, само за момент ја спушти негативата под десет поени, но Пелистер вечерва имаше одговор за сите обиди на домашниот состав. Избраниците на Илиевски знаеја како да го исконтролираат резултатот до самиот крај, триумфирајќи убедливо како најава за решеноста да бидат сериозен конкурент во трката за титулата.

Малешевиќ беше најефикасен кај Пелистер со 20 поени, Кесар оствари дабл-дабл од 17 поени и 13 скокови, додека Стојан Ѓуроски постигна 16 поени за битолчани. Најистакнати во таборот на Гостивар беа Гетлинг со 18 и Тодоровиќ со 14 поени, а за одбележување е очајниот шут од далечина на домаќините, кои погодија само три тројки од 25 обиди.

Се вчитува...