Гостивар ги пречекува „штркчињата“ – Враќање на победите или продолжување на победничката низа?

Прволигашката кошарка продолжува денеска од 18 часот во „Младост“ каде Гостивар го пречекува МЗТ Скопје 2 во натпревар во кој двата „сино-бели“ тима ќе се обидат да стигнат до двата бода.

Избраниците на Марјан Србиновски во овој натпревар влегуваат по поразот од ТФТ во последниот натпревар од полусезоната, па победа е повеќе од потребна за гостиварци. „Сино-белите“ од западот на Македонија претрпеа промени во својот ростер, странските играчи беа заменети со нови, па сега со доза за свежина ќе се обидат да им се вратат на победите.

„Направивме промени во ростерот и сеуште не знаеме како тоа ќе се одрази на теренот, се надевам позитивно и дека ќе се вратиме на победите. МЗТ2 е најмладата екипа во првенството, но не за потценување. Се надевам дека ќе ја отвориме новата година со победа“ – изјави Ивица Димчевски.

Аеродромци пак, на крилјата на победата над Академија ФМП, што за нив беше прва во лигата, ќе се обидат да стигнат до позитивен исход и на денешната средба. Тимот на Боро Даскаловски е подготвен за вториот дел од сезоната, во кој ќе има поддршка и од новото засилување, Михаил Наумоски.

Се вчитува...