Гостивар ги улови „пантерите“ во „Младост“

Гостивар успеа да му се реваншира на составот на Академија ФМП за поразот на првиот меѓусебен дуел оваа сезона, откако во „Младост“ славеше над „пантерите“ со 91-81. „Сино-белите“ го контролираа натпреварот од самиот почеток, го лимитираа поените од транзиција на гостинскиот состав па заслужено стигнаа до шестиот триумф во сезоната.

Домаќините иницијативата ја превзема од самиот почеток на натпреварот во кој гостинскиот состав немаше решение за расположениот Фрајдеј. Американецот одигра добро на двата дела од паркетот па гостиварци постојано беа во предност. Добар проток на топката носеше отворени шута за домашниот тим, кој благодарение на петте тројки во првата четвртина имаше двоцифрена предност по 10. минути игра (25-15). Избраниците на Петровиќ ја зацврстија одбраната во продолжението од првото полувреме, истата носеше и лесни поени на спротивната страна па на крилја на расположениот Крстајиќ, Академија ФМП го превзема водството (31-32). Гостивар ги консолидираше своите редови, „сино-белите“ заиграа подобро во одбраната па преку мирната рака од линијата за слободни фрлања ја вратија предноста на полувремето (46-41).

Добриот моментум на Гостивар продолжи и на почетокот на второто полувреме, па „сино-белите“ преку шутот за три поени ја вратија двоцифрената предност (52-41). Академија ФМП ја врати стабилнсота преку добрата игра во противничкиот рекет, но тимот од Кисела Вода немаше одговор за расположениот Костоски кој беше речиси непогрешлив зад линијата 6,75, па 30. минути игра домаќините имаа предност од 77-61. Добриот напаѓачки ритам во редовите на Гостивар продолжи и во последниот дел од натпреварот. Течниот напад носеше лесни поени, па на пет минути до крајот резултатот гласеше 89-73. До крајот на натпреварот, избраниците на Петровиќ успеаа да заиграа подобро, но недоволно да ја запретат победата на Гостивар.

Џалон Фрајдеј беше првото име во редовите на Гостивар со 29 поени и 10 скока, додека него го следеше Џоџо Вокер со 19 поени и 5 асистенции. Како двоцифрени со 14 поени и 10 асистенции, односно 12 поени и 4 скока натпреварот го завршија Александар Костоски и Ренато Димитриевски. Стефан Крстајиќ го предводеше тимот на Академија ФМП со 29 поени и 6 скока, Оливер Двојаковски додаде 19 поени и 6 скока, Рони Харис натпреварот го заврши со 14 поени и 3 асистенции, додека двоцифрен беше и Славчо Темелковски со 13 поени и 6 скока.

Се вчитува...