Готово: Белингем оди во Реал Мадрид за почетни 103 милиони евра

Една трансфер-сага за летниот преоден рок денеска и официјално заврши, откако Реал Мадрид и Борусија Дортмунд постигнаа целосен договор околу трансферот на Џуд Белингем. Двата клуба преговараа веќе подолго време, за денеска „милионерите“ и официјално да објават дека е постигнат целосен договор за овој мегатрансфер. Реал ќе плати загарантирани 103 милиони евра, плус дополнителни клаузули што можат да достигнат максимум 30 милиони евра плус за тимот од Дортмунд.

Белингем беше желба на неколку англиски премиерлигаши, но извонредниот играч за врска јасно стави до знаење дека приоритет ќе му бидат преговорите со Реал Мадрид. Флорентино Перез знаеше да го цени тоа, па така Англичанецот во првата сезона во Мадрид ќе има плата од 10 милиони евра, со што ќе биде најплатен играч во тимот по заминувањето на Еден Азар.

По комплетирањето на овој мегатрансфер, се очекува Флорентино Перез сега да ги насочи погледите кон ангажманот на нов голгетер. Хари Кејн е на врвот на листата со желби на тренерот Анчелоти, но останува да се види дали првиот човек на Реал Мадрид ќе успее да се договори со Тотенхем, чии газди инсистираат на 100 милиони евра отштета за својот напаѓач иако Кејн има само уште една година од договорот со лондонскиот клуб.

Се вчитува...