Готово е: Барса извиси, Вајналдум го избра ПСЖ

Барселона дефинитивно ја загуби трката по Џини Вајналдум откако холандскиот ас во „пет до дванаесет“ се премисли и наместо каталонскиот гигант го избра ПСЖ за свој нов клуб по заминувањето од Ливерпул. Вајналдум како слободен играч го напушти „Енфилд“, а фактот дека беше достапен без никаква отштета го направи Холанѓанецот крајно интересен за неколку европски гиганти.

Холандскиот весник „Де Телеграф“ тврди дека не само што се договорени деталите, туку Вајналдум веќе го потпишал тригодишниот договор со „светците“ од Париз, а за официјализација се чека само тој да ги мине лекарските прегледи, кои биле одложени за еден ден поради неговиот вчерашен настап за „лалињата“ на контролниот натпревар со Грузија.

Интерес први покажаа Интер и Баерн, но двата клуба останаа во заден план откако Барселона тргна во офанзива. Вајналдум ги имаше договорено деталите, но пред само неколку дена во трката се вклучи ПСЖ, нудејќи му на Холанѓанецот двојно поголема плата од понудата на каталонскиот гигант. Тоа експресно ги смени плановите на искусниот играч за врска, кој ги договори сите детали и денеска потпиша тригодишен договор што ќе биде официјализиран во најскоро време.

Се вчитува...