Готово е: ПСЖ се откажа, Реал Мадрид ја доби трката по новата бразилска „ѕвезда“

Реал Мадрид ја доби трката по Бразилецот Ендрик, новото чудо од дете на светскиот фудбал кое од неколкуте понуди на маса ја избра онаа на „кралскиот клуб“.

Станува збор за напаѓач кој има само 16 години, но веќе дебитираше за првиот тим на Палмеираш и на својот прв сениорски натпревар постигна два погодоци. Технички извонредно поткован, неверојатно брз, Ендрик се најде на листата на желби на неколку европски гиганти, Челси му нудеше и загарантиран првотимски статус, но на крајот во трката останаа ПСЖ и Реал Мадрид.

По неколку рунди преговори, францускиот првак на крајот се откажа, по што се очекува во наредните 48 часа и официјално да биде комплетиран трансферот во Реал Мадрид. „Кралевите“ ќе платат загарантирани 60 милиони евра, можно е сумата да скокне за уште дополнителни 12 милиони, а останува да се види дали Ендрик ќе пристигне веднаш во Мадрид или ќе остане на позајмица во Палмеираш, чекајќи го својот 18. роденден за да им се приклучи на „кралевите“.

Едно е сигурно, Флорентино Перез не се откажува од рецептот што му донесе успех во изминатите години, па по Винисиус и Родриго, реши да го донесе и третиот бразилски суперталент на „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...