Готово: Пјатек во Милан за 35 милиони евра

Веќе нема никакви дилеми, Милан е изборот на Кжижтоф Пјатек за продолжување на кариерата откако италијанскиот гигант веќе ги договори и сите услови од трансферот на полскиот голгетер. Пјатек во текот на вчерашниот ден отпатува за Милано чекајќи зелено светло за да почне со лекарски прегледи, за што неопходно беше клубовите да ја договорат висината на отштетата.

Сега веќе и тоа не е проблем, откако Џенова ја прифати последната понуда на Милан. Според неа, клубот на Горан Пандев ќе заработи 35 милиони евра со самото комплетирање на трансферот, со можност за добивање на дополнителни пет милиони во зависност од настапите на Пјатек во дресот на „росонерите“ и бројот на постигнати голови на Полјакот за новиот клуб.

Доаѓањето на Пјатек значи и давање на зелено светло за Гонзало Игуаин предвреме да си замине од „Сан Сиро“, но за комплетирањето на трансферот на Аргентинецот неопходно е Челси да постигне целосен договор со Јувентус.

Се вчитува...