Гоце Седлоски седна на клупата на Шкупи

Долгогодишниот македонски репрезентативец Гоце Седлоски е изборот на управата на Шкупи за нов тренер на прволигашот од Чаир, откако двете страни денеска потпишаа едногодишен договор, со можност за продолжување на сорботката за уште една сезона.

За Седлоски ова е камбек во мак-фудбалот каде успешно го водеше тимот на Вардар од 2015 до 2017 година, освојувајќи две титули како кормилар на „црвено-црните“. Во 2018 година тој го водеше тимот на Рига, потоа извесен период беше на чело на Широки Бријег, а последен ангажман му беше како предводник на вториот тим на Динамо Загреб.

„Пред се би сакал да им се заблагодарам на челниците на клубот кои ми ја укажаа довербата. Разговаравме и во текот на зимава, тогаш не најдовме заеднички јазик, но сега успеавме да се договориме за да дојдам во Шкупи. Знам дека многу се инвестира во овој клуб, донесени се бројни засилувања, но искрено кажано – јас познавам само двајца-тројца од овие играчи од времето додека го водев Вардар. Овие шест меча до крајот на сезонава се добра можност за докажување, сите ќе почнат од нула, ќе добијат шанса да докажат колку вредат. Целта е на највисоко ниво да го одработиме крајот од сезонава, а потоа да почнеме со проектот што јас и управата го имаме замислено“, изјави Седлоски по потписот на договорот со Шкупи.

Тимот на Шкупи моментно се наоѓа на второто место, со два бода предност пред третопласираната Македонија ЃП и 13 бода заостанување зад лидерот Шкендија.

Се вчитува...