Град Охрид го спасува кошаркарскиот клуб!?

Турбулентниот период низ кој минува кошаркарскиот прволигаш АВ Охрид и неговото најавено распаѓање по повлекувањето на генералниот финансиер очигледно, сепак, ќе има среќен крај. Како што дознава ЕКИПА, Град Охрид ќе биде спасителот на кошаркарскиот клуб комплетно преземајќи го управувањето и финансирањето на прволигашот.

Претставници на Советот на Град Охрид веќе водат преговори за преземање на клубот со истиот стручен штаб и играчки кадар, под комплетно еднаков буџет со претходно утврдениот, па се очекува во текот на утрешниот ден комплетно разрешување на ситуацијата. За интенцијата на Град Охрид да го преземе клубот веќе се информирани стручниот штаб и кошаркарите на чело со тренерот Марјан Илиевски кои, и покрај бројните понуди за преселба во други клубови, се подготвени да ја сочекаат разврската по новонастанатата ситуација и да останат во КК Охрид.

Од Град Охрид веќе ја информирале и Кошаркарската федерација на С. Македонија дека клубот нема да се распадне и под ново водство би останал во Првата лига, од каде е добиена гаранција дека имаат одреден рок за завршување на правно-административните активности за пререгистрација на клубот.

Како што е познато, на само една недела пред закажаниот старт на новата сезона во кошаркарското првенство, сопственикот на АВ Охрид, Милчо Донески, реши да се повлече од финансирањето на клубот кој пред неколку сезони се натпреваруваше и во АБА2 лигата.

Се вчитува...