Греј: Не е реално да се очекува да ја победиме Шкендија убедливо

Менаџерот на Хибернијан, Дејвид Греј, беше задоволен што неговиот тим најде начин со гол во самиот финиш да стигне до триумф од 2-1 над Шкендија, со што шкотскиот тим со предност ќе патува на реваншот во Скопје закажан за следниот четврток.

Тој е задоволен од покажаниот карактер на својот тим, посочувајќи дека нереални биле одредени прогнози пред мечот дека Хибернијан лесно и убедливо ќе го совлада македонскиот вицешампион.

„Не можам да застанам овде и да ви кажам дека сум незадоволен, дека сме требале да победиме со три, четири или пет гола разлика затоа што тоа едноставно не е реално. Ниту пак одигравме толку добро за да заслужиме такво нешто. Среќен сум за победата, но факт е дека имаме уште многу работа. Ми се допадна карактерот, начинот на кој доминиравме во завршните десет минути и успеавме да стигнеме до победничкиот гол. Ме разочара начинот на кој го примивме голот, тоа е нешто на што ќе мора да поработиме… Задоволен сум што победивме, но свесни сме дека ова е само прво полувреме, пред нас е реванш во Македонија на кој ќе мора да играме уште подобро ако сакаме да стигнеме до следната рунда“, изјави Греј.

Се вчитува...