Грците супериорни – младите кошаркари убедливо поразени

Македонската репрезентација за кошаркари до 16 години претрпе убедлив пораз од Грција (48-78) во второто коло од Европското првенство што се одржува во Скопје. Иако влегоа во мечот полни со самодоверба по вчерашниот триумф над Црна Гора, разликата во квалитет беше огромна, па „црвено-жолтите“ ниту за момент не можеа да се понадеваат на позитивен резултат против јужниот сосед. Фактот дека беа постигнати помалку од 50 поени најдобро ја отсликува нашата немоќ во нападот, потврдена со 30-те загубени топки и 13-те промашени слободни фрлања (14/27).

Првата четвртина мина во апсолутна доминација на младите грчки кошаркари, кои со цврста одбрана ги примораа нашите играчи на бројни грешки во нападот, лесно стигнувајќи до двоцифрено водство. Македонија во стартните 10 минути веќе имаше осум загубени топки, што Грција го искористи за да стигне до предност од убедливи 8-25. Остатокот од мечот мина во рутинска игра на „сино-белите“, кои знаеја како да ја задржат убедливата позитива до самиот крај, триумфирајќи со конечни „плус триесет“.

Македонија утре со почеток во 18.45 часот го игра и третиот меч од групната фаза против селекцијата на Шпанија, битка за освојување на второто место во групата.

Се вчитува...