Гуџуфи е новиот Елиф Елмас – Трабзон и Бешикташ понудиле 400.000 евра за „бисерот“ на Беласица

Бесар Гуџуфи е новиот бисер на мак-фудбалот, играч за кого сериозен интерес покажуваат турските гиганти Бешикташ и Трабзон, но и хрватскиот првак Динамо Загреб. Станува збор за 16-годишен фудбалер кој настапува како лев офанзивец, но добро се снаоѓа и на останатите делови од теренот, поради што турските медиуми го нарекуваат „новиот Елиф Елмас“.

Гуџуфи го носи дресот на Беласица, но станува збор за играч кој беше дел од младинската академија на Вардар, уште еден пример за слабата работа на претходната управа на клубот која не ги препознаваше вистинските таленти и дозволи тие без никаква отштета да си заминат од таборот на „црвено-црните“.

Турските медиуми тврдат дека трката по младинскиот репрезентативец на Македонија се наоѓа во напредна фаза, а првиот конкретен потег го повлекле челниците на Трабзон, кои понудиле 400.000 евра за големиот талент. Идентична понуда испратил и Бешикташ, но проблем е возраста на Гуџуфи, кој во случај да се пресели во Турција пред да стане полнолетен ќе нема право за настап освен за младинскиот тим на клубот што ќе го избере.

Челниците на Трабзон дури и пристигнале во Македонија, каде имале средба со семејството на фудбалерот, во обид да ги убедат да биде прифатена токму нивната понуда за овој суперталентиран играч.

 

Се вчитува...