Ерлинг Халанд постигна два гола во победата на Манчестер Сити над Порто, но по натпреварот не зборуваше само за своите голови. Норвешкиот напаѓач имаше јасна порака и за младиот соиграч Ајуб Буади.
Тој доби шанса да започне за првпат по големиот летен трансфер од Лил и ја искористи довербата на тренерот со одлични перформанси во средниот ред.
Зборувајќи веднаш по натпреварот, Халанд го пофали младиот играч од средниот ред и откри дека дури и разговарал за неговиот квалитет со претседателот на клубот, Халдун Ал Мубарак.
„Одигра навистина добар натпревар. Неверојатен е на тренинзите, му го кажав тоа и на претседателот. Имаме вистински бисер“, рече Халанд.
Сепак, по пофалбите, имаше и мала забелешка. Норвежанецот сметаше дека Буади морало да го проигра во една ситуација на вчерашниот меч.
„Мислам дека требаше да ме проигра во второто полувреме. Бев сосема сам и бев малку лут, па ќе му кажам веднаш“, рече Халанд со насмевка.
Сепак, јасно е дека ова е повеќе шега отколку сериозна критика, особено што Халанд веднаш потоа повтори колку е задоволен од неговиот настап.
Буади имаше 71 допир на топката против Порто, комплетираше дури 98 проценти од додавањата и доби пет дуели, што доволно зборува за тоа колку самоуверено го одигра еден од своите први големи натпревари за Сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
