Халеп се откажа од УС Опен: Ризикот е преголем…

Симона Халеп се приклучи на Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал истакнувајќи дека е преризично да се очекува брзо враќање на терените. Воедно, таа јавно ја обелодени намерата да не учествува на претстојното издание на УС Опен, од страв поради ширењето на коронавирусот. Организаторите на американскиот гранслем турнир се уште се немаат дали УС Опен ќе стартува според предвидениот план, на 31 август, а Халеп со ваквата одлука уште повеќе го зголеми притисокот врз нив.

„Не планирам да играм во Њујорк при вакви услови. Не зборуваме само за пандемијата, туку и за ризиците од патување, карантин… што може да се променат за време на нашиот престој во САД. Знам дека организаторите и спонзорите сакаат да го прикажат ова како тежок период на кој сите ќе мора да се адаптираме, но ова е тешка одлука што секој ќе мора да си ја донесе за себе самиот, од лични причини. Јас сметам дека најважно во моментов ми е да се грижам за здравјето“, изјави второрангираната светска тенисерка.

Претходно и Ѓоковиќ и Надал предупредија дека ризикот при евентуален настап на УС Опен би бил преголем, за што Србинот и Шпанецот беа критикувани од неколку тенисери со послаб ранкинг, со образложение дека тие можат да си дозволат долго време без тенис, но има и такви спортисти на кои турнирите им се неопходни за да дојдат до пари со кои би можеле нормално да функционираат.

Се вчитува...