Хамилтон: Ботас е најдобриот тимски колега што сум го имал досега

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, по првите претсезонски тестови изјави дека одлично се согласуваат со новиот тимски колега, Валтери Ботас, и дека немаат никакви недоразбирања. Финецот дојде во тимот на Мерцедес на местото на Нико Розберг кој по освојувањето на шампионската титула неочекувано, објави дека ја завршува кариерата.

За разлика од затегнатите односи и честите искри што ги имаше во односот меѓу Хамилтон и Розберг, со Ботас е потполно друга ситуација и владее мир во тимот на Мерцедес пред стартот на новата сезона во Формула 1.

Тоа што посебно ми се допаѓа во работата со Валтери е што е се на патеката. Се разбираме таму, а не надвор од неа. Нема игри, се е транспарентно. Мислам дека со Валтери ќе имам најдобра соработка од сите тимски колеги што сум ги имал досега“ – изјави Хамилтон.

Ботас настојува да ја оправда довербата што ја доби од Мерцедес и да ја искористи својата шанса. Финецот неодамна истакна дека сака да биде брз, но на чесен начин. Тоа го потврди и на првите тестови во Барселона на кои го извозе најбрзиот круг.

„Тој сака да го направи најдоброто што може во својата прва сезона во тимот. Јас сум тука подолго време и настојувам со некои инфомации да му помогнам побрзо да се вклопи. За овој краток период, тој добро се аклиматизира на нашата средина и знам дека работи многу со инжениерите за да влезе во ритам. Ботас е многу позитивен човек во целост и задоволство е да се работи со него“ – истакнува Луис Хамилтон.

Се вчитува...