Хулијан Алварез ја донесе конечната одлука, напаѓачот на Атлетико Мадрид по секоја цена сака да го напушти клубот, а за тоа, меѓу другото, е виновен Диего Симеоне.
Откако не успеа да го најде тренерот Диего Симеоне во клупскиот камп за да разговара со него лице в лице и да побара помош околу своето заминување, 26-годишниот Аргентинец им соопшти на присутните во спортскиот центар дека повеќе нема намера да тренира со тимот и дека не треба повеќе да сметаат на него.
Според шпанскиот весник „Мундо Депортиво“, Алварез во понеделникот доживеал вистински излив на гнев. Тој подолго време инсистира на заминување нешто што јавно го објави уште за време на последното Светско првенство, а неговата единствена цел и натаму е трансфер во Барселона.
Кога напаѓачот пристигна во тренинг-кампот, го пречека информацијата дека неговиот тренер заминал на дводневен одмор на Ибица, а отсутен бил и извршниот директор Мигел Анхел Гил Марин. Алварез потоа им стави до знаење на вработените во клубот дека нема намера да тренира и дека повеќе не треба да сметаат на него.
Според шпанскиот весник, Алварез смета дека Симеоне покажал кукавичлук бидејќи не сакал да се соочи со проблемот и да разговара со него, иако добро знаел дека Аргентинецот бара средба за конечно да се реши застојот околу неговиот трансфер. Она што Алварез воопшто не го очекувал било заминувањето на тренерот на Ибица, бидејќи сите во клубот биле свесни за неговото пристигнување и желбата за разговор.
Другиот човек што можел да ја разреши ситуацијата, извршниот директор Гил Марин, исто така бил на одмор и недостапен, што дополнително го разбеснило аргентинскиот напаѓач. Алварез сакал да ја реши ситуацијата мирно и преку дијалог, но бидејќи не ја добил таа можност, неговото трпение конечно пукнало. Тој им дал до знаење на вработените во кампот дека неговиот потег ќе има сериозни последици, упатувајќи остра порака: „Не сметајте на мене“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
