Хендикеп: Јакимовски нема да игра за Македонија во Виена

Македонската кошаркарска репрезентација пристигна во Виена, каде што ги одработува последните подготовки пред утрешниот важен натпревар против Австрија во рамките на втората претквалификациска рунда за пласман во квалификациите за Евробаскетот 2029.

Австријците во овој меч влегуваат со неочекуваниот пораз од Кипар. Македонија, пак, во Виена доаѓа со многу подобра атмосфера и серија од шест последователни победи во претквалификациите.

Сепак, селекторот Хозе Мариа Берокал нема да може да смета на сите кошаркари кои ги посакуваше за овој дуел. Во составот нема да биде Андреј Јакимовски, кој поради клупските обврски мораше да остане во Италија.

Јакимовски летово го засили Наполи, а обврските со својот нов клуб не му дозволија да им се приклучи на репрезентативните колеги за натпреварот во Виена. Неговото отсуство е удар за Македонија, особено ако се земе предвид неговиот придонес во претходните претквалификациски натпревари.

Македонија денеска ќе го одработи и вториот тренинг во Виена, со почеток од 16:05 часот, а утре ја очекува пресметката со домаќинот Австрија.

Се вчитува...