Херојски пресврт на Шкендија против Браво и пласман во 3. коло на КЛ (ВИДЕО)

Македонскиот фудбал, сепак, ќе има претставник во 3. квалификациско коло во Лигата на Конференции, откако Шкендија вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ ја совлада екипата на Браво со 3-1, и обезбеди пласман во следната фаза. Тетовскиот тим мораше да се враќа од негатива, и потоа да дојде до потребната победа од два гола разлика, за и натаму да остане на меѓународна сцена.

Одлично тргна Шкендија, имаше две супер шанси да дојде до предност. Не беа искористени, а потоа стигна „студен туш“.

Аринзе се прошета низ одбраната на Шкендија, имаше и малку среќа, ја исконтролира топката, додаде до Станковиќ, овој со дриблинг се ослободи од своите чувари и од 15-16 метри шутираше прецизно во голот на Амзаи.

Ниту примениот гол не ги поремети тетовци да продолжат да напаѓаат. Така Нзенге имаше супер шанса, но неговиот обид заврши милиметри крај голот. И кога не сакаше да влезе од самите играчи на Шкендија, Браво си постигна автогол, преку Јован. Уфрлената топка во петерецот ја смести во голот на својот голман и Шкендија израмни. На полувреме се замина со 1-1.

Шкендија беше решена да дојде до потребниот втор гол. На него не се чекаше многу, само пет минути од почетокот на вториот дел. Тамба додаде до Криезиу, кој со глава го совлада Рожман и тетовскиот тим поведе.

Избраниците на Артим Положани тргнаа и по трет гол. Имаа многу шанси, но немаа и среќа. Нзенге ја погоди стативата, а потоа нововлезениот Ѓорѓиевски и пречката.

Но, се посреќи на две минути пред крајот. Марко Ѓорѓиевски погоди со глава по асистенција на Трумчи, и носи голема радост за Шкендија и пласман во треотто квалификациско коло во Лигата на Конференции.

 

Се вчитува...