Христов: Актуелната репрезентација до 21 година е слика на тоа што се работело изминатите десет години

Техничкиот директор на националните младински селекции, Ѓорѓи Христов, денешниот брифинг на ФФМ, говореше за состојбите во младинскиот фудбал и активностите што се преземаат за создавање подобри услови за развој на младите играчи.

„Не бев изненаден од ситуацијата што ја затекнав, бидејќи добро знаев што не очекува во младите категории. Откако дојдовме, презедовме неколку конкретни чекори, меѓу кои и формирањето на репрезентацијата до 20 години, а веќе можат да се забележат и првите позитивни ефекти“, изјави Христов.

Тој потенцираше дека промените бараат време и дека сегашната генерација на млади репрезентативци е резултат на процес кој трае со години.

„Реалноста е таква каква што е и не треба да се залажуваме. Денешната генерација на репрезентативци до 21 година е одраз на работата што се вршела во последната деценија. Токму затоа решивме да направиме реорганизација на најмладите категории. Репрезентацијата до 15 години не е укината, туку е поставена на поинаков начин со цел младите фудбалери да имаат повеќе натпревари и подобри услови за развој“, рече Христов.

Се вчитува...