Хрватска и Швајцарија по заверка на „визата“ за Русија 2018!

Хрватска на гостувањето во Грција, а Швајцарија пред своите навивачи против Северна Ирска вечерва во реванш пресметките од баражите ги заверуваат „визите“ за Светското првенство 2018 во Русија!

Хрватите по убедливата победа од 4-1 на „Максимир“ се очекува да имаат само рутинска задача на гостувањето против Грците. Без големи размислувања хрватскиот селектор Златко Далиќ се одлучи за десет исти фудбалери од првиот натпревар, а единствената замена во почетниот тим ќе биде Манџукиќ место Калиниќ.

Грците веќе се откажаа од надежта за пласман на Мундијалот, но Хрватите и натаму повикуваат на внимателност…

„Не сме сеуште готови. Во Атина тргнуваме како да е 0-0. Мора да го заборавиме првиот меч. А, дали ќе се браниме? Никако. Хрватска никогаш не се брани, тука дојдовме да победиме“ – вели Далиќ.

„Ќе покажеме дека оние 4-1 на Максимир не се случајност, туку квалитет. И сакаме ХНС за Мундијалот да му даде шанса на Златко Далиќ затоа што ни донесе позитивни вибрации во тимот, во репрезентацијата, и јасна идеја како да дојдеме до победничкиот лик“ – дополнува Иван Ракитиќ.

Швајцарија, пак, по онаа победа од 0-1 на гостувањето во Белфаст сега ќе има полесна задача во Базел. Но, Швајцарците мора максимално да му пристапат на дуелот затоа што Северноирците не се воопшто за потценување.

Натпреварот меѓу Швајцарија и С. Ирска во Базел почнува од 18 часот, додека Грција – Хрватска во Атина ќе играат од 20:45 часот.

  

Се вчитува...