Со или без скудето – Сари е отпишан од Јувентус

Јувентус со двата гола на Кристијано Роналдо синоќа славеше над Лацио со 2-1 и се приближи чекор поблиску до освојување на нова титула во Серија А. И покрај тоа што најверојатно „старата дама“ ќе ја одбрани титулата, во клубот веќе размислуваат за замена на Маурицио Сари. Искусниот стратег на кормилото на клубот седна на почетокот на сезоната, а веќе доживеа два тешки порази во финалето на Копа Италија од Наполи и Суперкупот од Лацио, а во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите изненадувачки загуби од Олимпик Лион.

Директорот Паратичи неодамна изјави дека не се размислува за тренерска смена летово, но добро упатени извори во клубот тврдат дека коментарот е даден за да се остане максимално фокусиран до крајот на сезонава во Серија А, но и потоа за реваншот со Лион во Лигата на шампионите. Претседателот Ањели воопшто не е импресиониран од играта на Јуве под водство на Сари, на која гледа како на чекор наназад во однос на изданијата под водство на Масимилијано Алегри.

Како замена за Сари се споменува името на Маурисио Покетино кој во ноември минатата година доби отказ во Тотенхем по слабиот старт на сезоната, откако минатата година со клубот стигна до финалето во Лигата на шампионите. Ракодовството на Јуве во Покетино гледа тренер кој ќе може клубот да го однесе до титулата во Лигата на шампионите, а на Аргентинецот ќе му биде доделен и буџет  за доведување на уште најмалку едно суперзасилување откако „старата дама“ веќе договори два трансфери за следната сезона, на Кулушевски од Аталанта и на Артур од Барселона.

Се вчитува...