Ситуацијата во соблекувалната на Реал Мадрид стана главна тема на шпанските медиуми во последните денови, па неизбежно околу сето тоа сега за сè проговори и претседателот на клубот, Флорентино Перез.
Откако информациите што протекоа во јавноста за сериозниот конфликт меѓу Федерико Валверде и Аурелиен Чуамени, Перез првпат јавно ја коментираше целата ситуација.
Претседателот на Реал не сакаше да навлегува во деталите за самиот инцидент, но јасно рече дека е најзагрижен поради фактот што работите од соблекувалната завршија во медиумите.
„Знаеме кој го прераскажа тоа во јавноста. Знаеме точно кој е виновен за изнесувањето во јавност на случувањата во соблекувална. Тоа е поголем проблем од самиот конфликт кој го има секаде“, истакнал Перез за време на прес-конференцијата за случувањата во клубот.
Шпанските и европските медиуми пишуваа во претходните денови дека имало физичка пресметка меѓу Валверде и Чуамени по тренингот, а уругвајскиот играч за врска дури завршил во болница поради повреда на главата.
Сето тоа наводно се случило откако Валверде го обвинил соиграчот дека изнесува информации од соблекувалната до медумите, што дополнително ја зголеми тензијата во веќе турбулентната сезона за „кралевите“.
Перез призна дека му е многу непријатно поради целата ситуација.
„Многу е лошо што се случи ова, но уште полошо е што сè стана јавно“, рече првиот човек на мадридскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
