И сега…заврши Вардар – не остана ништо!

Заврши и последната европска епизода на ЖРК Вардар, идентична како и онаа ланската во која круната се покажа толку блиска, но сепак толку далечна за „црвено-црните“. Со една суштинска разлика, ако до лани се говореше „сигурно ќе биде догодина“, тоа веќе не е случај. Затоа што прогнозата за догодина – за ЖРК Вардар не е возможна, барем не за клуб со вакви размери и ниту приближни амбиции.

И болеше синоќа да се гледаат солзите во очите на ракометни мегаѕвезди како Лејно, Лекиќ, Пенезиќ… исто како што болеа и зборовите на Јованка Радичевиќ, која по победата над Ростов гласно пред националниот сервис кажа дека очекува „Божја помош“ за сето она што девојките го истрпеле и го одработиле во изминатите шест месеци. Тогаш во целата еуфорија на победата изјавата беше пренесена како победничка – а всушност покажува на низата слабости што Вардар како клуб ги покажал во текот на целата сезона, затскриени зад триумфалната серија во групните фази и пласманот на овој фајналфор.

Не станува збор само за одлуката клубот да ги раскине договорите со сите ракометарки, туку и за третманот што тие го имаа од тој момент на одлука на газдата, па се до фајналфор турнирот во Будимпешта. Затоа што од прв до последен ден ракометарките правеа се што е во нивна моќ за да ја исполнат зацртаната цел. Некогаш недостигаше малку среќа, некогаш судиска правда, некогаш противникот едноставно беше подобар – но желбата не може да им ја оспори буквално никој. Да бидеме реални, во повеќе од 50% од фајналфор турнирите беше потребен и врвен тренер на клупата, наместо послушник и семеен пријател. Изненадувачки, за разлика од машкиот клуб каде покажа апсолутна доверба во Раул Гонзалес, газда Сергеј во женскиот тим си експериментираше со кого стигне, оние звучни тренерски имиња доаѓаа и си заминуваа, а остануваа оние кои климаа со глава на газдата со тренерско реноме.

Приказната завршува, а за лошата клупска политика најдобар доказ е фактот дека зад проектот не останува буквално ништо, па се најавува дека ќе продолжи со девојчиња од околу 16 години. Да се имаше барем малку визија, лани немаше да се распушти вториот тим составен од голем дел од македонските репрезентативки, кои во секој случај се иднина на нашиот репрезентативен ракомет во годините што следат. Ниту тие не заслужија таков третман како и „ѕвездите“ на првиот тим, кои неколку месеци подоцна се соочија со суровата реалност – ЖРК Вардар беше богат проект менаџиран на очаен начин. Затоа што на толку вложувања во еден клуб, сега одеднаш да нема ништо зад себе, тој „магичен рецепт“ го знаат само Сергеј Самсоненко и неговите најблиски соработници.

 

Се вчитува...