Иднината ни е светла: Македонија е во полуфиналето, Естонија демолирана

Репрезентацијата за кошаркари до 18 години уште еднаш потврди дека иднината на овој спорт е многу посветла од сегашното сивило, откако обезбеди пласман во полуфиналето од Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Романија.

По петте победи во групната фаза, денешниот четвртфинален дуел со Естонија беше мерило за квалитетот и карактерот на нашиот млад состав. Не само што тој тест го минаа, туку младите кошаркари го демолираа противникот со преубедливи (92-57), доаѓајќи на само еден чекор до влез во А-дивизијата. Начинот на кој избраниците на Тони Симиќ си поигруваа со противникот, селекција што во досегашните пет меча на шампионатот имаше скор 4-1, најдобро го покажува потенцијалот на оваа македонска селекција, од која голем дел од играчите во иднина ќе ги гледаме и во сениорскиот дрес.

Нашите надежи одлично го отворија мечот, одбраната беше на ниво, а во нападот го полнеа кошот на противникот за водство од +24 по првите десет минути (30-6). Во ист ритам продолжија и во втората четвртина, каде предводени од одличниот Андреј Јакимовски во 18. минута стигнаа и до најголемите до тој момент +32 (57-25). До крајот на првиот дел темпото малку падна, а на полувреме се замина со резултат 58-32.

Во вториот дел Естонците првите поени ги постигнаа во 25. минутата. Нашите кошаркари погодуваа буквално од секоја позиција, а на крајот од третата четвртина нашата предност изнесуваше +37 (77-40).

Мелењето на противникот продолжи и во последниот дел од натпреварот. Во еден момент нашите надежи имаа двојно повеќе постигнати поени од противникот (80-40), а во 32. минута имавме предност и од +43 (83-40). До крајот шанса добија резервистите кои успеаја да го приведат мечот до крајот, за конечна победа од 92-57.

Андреј Јакимовски мечот го заврши со дабл-дабл учинок од 17 поени и 10 скока, а имаше запишано и 3 асистенции. Андреј Андоноски постигна 16 поени, Виктор Исајлоски имаше 11, а по 10 поени уфрлија Зекири и Миловановиќ.

 Во полуфиналето Македонија ќе се сретне со подобриот од мечот меѓу Израел и Шведска.

Се вчитува...