Игор Алексовски по долга пауза играше првенствен меч: На почетокот се чувствував чудно…

Некогашниот младински и сениорски репрезентативен голман Игор Алексовски, конечно, по две години се врати меѓу диреците на еден меч во Првата лига. Алексовски кој е дел од златната генерација на младата репрезентација која играше на ЕП во Полска, во последните две години се мачеше со повреди, кои го оддалечија од фудбалските терени, за вчера, конечно, добие шанса да игра во првенството. Претходно Алексовски доби да брани за Ренова во Купот против Шкендија, и практично вчера му беше деби во првенствените натпревари.

Алексовски од минатата година е во Ренова, а претходно беше дел од Шкупи, каде што го имаше последниот настап во ПМФЛ пред две години и еден месец. Сега се врати токму против неговиот екс клуб, и малку недостасуваше токму тој да го одложи шампионското славје на чаирскиот тим, со оглед дека до 81. минута имаше „чиста мрежа“ и неколку одлични интервенции.

„После две години и еден месец добивам шанса да бранам првенствен натпревар. Бев возбуден. Сум играл европски натпревари, квалификации за ЛШ, квалификации за Европско првенство и многу важни натпревари, но вчера првите 10 минути ми беа најтешки до сега. Се чувствував како првпат да бранам. Долго време се враќав од повреди, тренирав напорно и се чувствувам подготвен, и знаев дека ќе одиграм добар натпревар, но ми беше чудно“, рече Алексовски.

За натпреварот со Шкупи, истакна дека противникот бил подобар, но дека неговиот тим добро се бранел се до последните десетина минути. Исто така напоменува дека имало прекршок врз него при првиот погодок на чаирчани.

„Шкупи беше нешто подобар противник, но ние игравме добро во дефанзива и имавме шанси од контри кои не ги искористивме. При првиот гол на Шкупи имаше прекршок врз мене. И кога губевме 1-0, не искористивме зицер, а потоа бевме казнети со втор гол од противникот. Сакам да ја искористам оваа прилика да им ја честитам титулата на Шкупи“, рече голманот на „гипсарите“.

Алексовски во минатото беше дел од Вардар, како и од Македонија ЃП кој е негов матичен клуб.

Се вчитува...