Играчите бесни на Бартомеу: Го бараат Чави за тренер и нови претседателски избори

Дебаклот од Баерн Минхен предизвикува тотален колапс во редовите на Барселона, откако клучните фудбалери одлучно застанале против претседателот Бартомеу, барајќи од него да свика предвремени избори за да дојде до промена на раководните структури во клубот. Редовните избори требаше да се случат во периодот од март до јуни 2021 година, но „ѕвездите“ на Барса се убедени дека на клубот му е неопходна шок-терапија, а цената за тоа меѓу другите ќе треба да ја плати и претседателот.

Бартомеу се обидел да се спаси најавувајќи оставка на директорот Ерик Абидал. Французинот секако ќе „лета“ по бројните промашени трансфери во последните години, но вината сепак се бара во највисокото раководство. Неофицијално, Пике и Меси се играчите кои најгласно побарале претседателски избори, заканувајќи се со заминување, а големите асови ја имаат и поддршката на Бускетс, Суарез и Тер Штеген.

Второ барање на „соблекувалната“ на Барса е за нов тренер што поскоро да биде донесен Чави. Поранешниот капитен е човек што ја знае „душата на клубот“, има настапувано заедно со дел од првотимците и според нив е вистинскиот човек за да го врати тимот на победнички патеки. Тој и претходно беше поврзуван со враќање на „Камп Ноу“, но не е во добри односи со Абидал и со Бартомеу, не се договори за камбек, по што управата ја донесе најлошата одлука во поновата историја – именувајќи го Сетиен за тренер.

Каталонските медиуми најавуваат дека за утре е закажан состанок на бордот на директори на Барса, на кој ќе бидат донесени бројни значајни одлуки. Дека Сетиен веќе нема да биде тренер нема никаква дилема, истото се однесува и за Абидал и функцијата спортски директор, но главната дилема е дали Бартомеу ќе го „преживее“ овој удар, или уште во текот на летово ќе го напушти управувањето на каталонскиот гигант.

Се вчитува...